Светска фудбалска еуфорија која го зафати светот не го одмина ниту првиот човек на Охрид, Никола Бакрачески. Тој е голем љубител на фудбалот и воопшто на спортот.

Домашната атмосфера или добро друштво со пиво се првите два избори на Бакрачески за гледање на спортски манифестации. Но, во населбата каде што живее жители се погрижија за организирање гледање, па може и таму да му се придружи.
– Со оглед дека сакам да уживам во следење на натпреварот, најчестонатпреварите ги следам во домашна атмосфера со моите најблиски. Но планирам и дел од нив да ги следам во моето маало, каде е поставен голем видео бим за кој се погрижија моите комшии и каде во многу пријатна атмосфера со многу забава се следат натпреварите онака како што долукува на традицијата на комшискиот соживот – додаде Бакрачески.
Иако има симпатии кон Бразил и Холандија фаворит на СП за него е Германија.
– Мислам дека има многу квалитетни тимови на овој мундијал и тешко може уште од сега да се издвои фаворит. Некои се силни со своите суперталентирани индувидуалци, некои по добро организираната колективна игра, некои по својата разработена тактика на надмудрување. Мои фаворити се сепак Бразил, Германија и Холандија, а најмногу шанси би и дал на Германија – заврши Бакрачески.
Ohridnews











