Македонската фудбалска репрезентација гостински мечеви во квалификациите за пласман на Мундијалот во Русија следната година ќе ги заокружи со дуелот против Италија во Торино. „Азурите“ во пресрет на мечот се големи фаворити, но нашите репрезентативци не помислуваат пред време да се откажата. Италијанитена на „Филип Втори“ арената со два погодоци во последните минути се спасија од пораз и ги однесоа бодовите од Скопје.
– Знаеме дека Италија е голема репрезентација. Ние сме подготвени, на последните натпревари игравме добро. Се надеваме дека ќе одиграме добар натпревар па ќе видиме што ќе биде. Италија е фаворит, но ако одиграме како на натпреварот во Скопје, се може да се случи. Имаме неколку играчи кои играат во Италија и тоа може да ни биде од корист. Знам дека дефанзивците на Италија се силни, можеби нема да можеме да направиме многу шанси, но ако на пример создадеме две-три прилики треба да бидеме концентрирани да ги искористиме. Добро би било да дадам гол, да одиграме нерешено и на крајот сите да бидеме среќни. – изјави Горан Пандев.
Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски зборуваше за големината на Италија која е една од најтрофејните селекции во светот.
– Чест ми е што како селектор ќе ја предводам Македонија против четирикратниот светски првак. Ја респектираме Италија, но исто така зрачиме со оптимизам и веруваме дека можеме да бидеме конкурентни како и на првиот натпревар во Скопје и да извлечеме позитивен резултат. Двете земји ги поврзува нашата фудбалска икона, Горан Пандев, кој верувам дека и утревечер ќе биде вистински лидер во нашиот национален тим и ќе им создаде многу мака на Италијанците. – додаде селекторот.
Натпреварот се игра во 20 часот и 45 минути, а во истиот термин започнуваат другите мечеви од групата помеѓу Лихтештајн – Израел и Шпанија – Албанија.
OhridNews