Ракометната репрезентација на Македонија ја забележа втората победа на Мундијалот во Франција, откако ја совладаа селекцијата на Ангола со 31-22 (14-9) во втората рунда од Б групата.
Со триумфот „црвено жолтите“ ја остварија првичната цел и широко си ги отворија вратите за пласман во нокаут фазата.
Во не ефикасниот старт на натпреварот подобро се снајдоа нашите ракометари кои стигнаа до водство (4-1). Но, Ангола се разбуди и со иста мера возврати за егал (5-5) по петнаесет минути игра.
Десеттина минути се играше гол за гол и на семафорот беше 9-9, а потоа Македонија со серија (5-0) го финишираше првиот дел за водство од плус пет 14-9.
Селекцијата на Ангола со лесни голови ги казнуваше технички грешки на Македонија во нападот на почетокот од второто полувреме и ја намалија негатива на 15-13.
Пулените на Лино Червар за кратко време ги вратија работите на свое место со серија 4-0 за највисоки шест погодоци предност (19-13).
Од тој момент предноста на Македонија растеше за конечна победа изразена со девет погодоци разлика.
Одново, голгетер број еден во Македонија беше Кирил Лазаров со 10 голови, пет постигна Гоце Георгиевски, а на три застана Филип Лазаров.
Добар натпревар на голот имаше Колев со 9 одбрани, а Трајкоски кој влезе во вториот дел имаше четири одбрани и успеа да постигне два голови.
Во следната трета рунда Македонија ќе се сретне со Словенија која исто така има две победи.
OhridNews