Репрезентацијата на Македонија ги освои првите бодови во квалификациите за пласман на Мундијалот во Русија совладувајќи ја селекцијата на Лихтенштајн со 3-0 во петтата рунда од Г групата.
Со триумфот на „Рајнпарк“ стадионот „црвено жолтите“ направија сефте во Г групата и ставија точка на негативната серија без победа на гостински терен која траеше долги седум години.
Теренската иницијативата и доминатноста во поле во првиот дел македонските репрезентавци ја искористија во финишот односно во 43-та минута кога Бобан Николов со ефектен гол го отвори резултатот.
Сите дилеми околу победникот ги разреши „италијанската врска“ Горан Пандев – Илија Несторовски во 68-та минута. Капитенот со прецизно нафрлување го пронајде голгетерот кој не погреши и го дуплираше водството. Пет минути подоцна Несторовски со вториот погодок на мечот вкупно четврти во квалификациите го зголеми водството на 3-0 по одличниот центаршут на Стефан Ристовски.
Во последната минута од регуларните 90-ет Несторовски пропушти да реализира удар од белата точка и да комплетира хет трик. Пеналот одлично го прочита домашниот голман Јеле кој остана на средината од голот.
„Црвено жолтите“ со првите бодови во Г групата се одлепија од Лихтенштајн кој се уште е без бодови на последната позиција.
Фото: Спортмедиа.мк
OhridNews