Хрватската фудбалска репрезентација доби нов селектор во името на Нико Ковач. Екс репрезентативец на клупата од „коцкастите“ ќе го наследи Игор Штимац, кој ден после завршување на квалификациите беше разрешен од функцијата.

– Штимац имаше максимална поддрка од сите нас, но лошите резултати во последниот период не ни одеа во прилог.  Извршниот одбор на Хрватскиот фудбалски сојуз на мој предлог едногласно реши за разрешување на Штимац – рече Шукер, кој е претседател на ХФС.

Ковач селекторската одисеја ќе ја почне како времен селектор, а во зависност од исходот во бараж средбите договорот ќе биде продолжен.

– Бараж средбите ќе ги помине како в.д. селектор, а во зависност од резултатите неговиот договор ќе биде продолжен. И да не успее да ја однесе Хрватска на мундијалот, тој пак ќе има најголеми шанси за селектор – додаде Шукер.

Хрватска второпласирана заврши во групата А каде се наоѓаше и Македонија. Директен пласман од нашата група обезбеди Белгија, а новиот селектор на Хрватска, Ковач ќе има тешка задача бидејќи во баражот нема слаба селекција.

Мх.П.