Во петок, во Мадрид, во спортскиот храм ’Каха Маџика’, ќе започне 23-то Светско првенство во ракомет за мажи. Честа да го отворат планетарното натпреварување ја добија селекциите на Шпанија и Алжир.


Шпанската репрезентација, како домаќин, иако веќе шест години нема позначаен резултат на големите натпреварувања, се вбројува меѓу фаворитите за освојување на медал, заедно со Франција, Данска, Хрватска и Полска.

’Црвената фурија’ на ова Светско првенство на теренот ќе ја предводат натурализираниот голман Арпад Штербик, односно Ентрериос и Агуинагалде. Шпанија последните големи резултати ги направи на СП во 2005 година (злато) и ЕП во 2006 година (сребро).

Она што ја загрижува домашната селекција пред стартот на Мундијалот се повредите на Угалде и Ентрериос, додека легендарниот голман Омбрадос поради повреда на лигаментите реши да се повлече од репрезентацијата.

Учесник на светската ракометна смотра ќе биде и репрезентацијата на Македонија, за ’црвено-жолтите’ ова ќе биде трет настап на Светските првенства – во 1999 година во Египет Македонија беше 18-та, а десет години подоцна во Хрватска го освои 11-то место.

Покрај ракометарите дел од Мундијалот ќе биде и судиската двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Македонија во своите редови го има Кирил Лазаров кој со 92 погодоци кои ги постигна на СП во Хрватска, стана најдобриот стрелец во историјата на еден Мундијал.

Најуспешна нација на Светските првенства е Шведска со 11 медали (четири златни, три сребрени и четири бронзени), додека Франција која ја брани титулата има осум медали (четири златни, еден сребрен, четири бронзени).

Натпреварите на Светското првенство ќе се играат во шест градови: Гранољес, Гвадалахара, Севиља, Сарагоса, Мадрид и Барселона, Мундијалот ќе започне во петок, а ќе заврши на 27. јануари.

Група А: Франција, Германија, Тунис, Црна Гора, Бразил, Аргентина

Група Б: Македонија, Данска, Исланд, Русија, Катар, Чиле

Група Ц: Полска, Србија, Словенија, Белорусија, Јужна Кореа, Саудиска Арабија

Група Д: Шпанија, Хрватска, Унгарија, Египет, Алжир, Австралија.

“Макфакс“