Македонската фудбалска репрезентација во петок на „Рајнпарк“ во Вадуц против Лихтештајн ќе ги брка првите бодови во квалификациите за Светското првенство во Русија следната година. „Црвено жолтите“ го одработија првиот и единствен тренинг на стадионот на кој ќе го одиграат натпреварот в петок со почеток во 20 часот и 45 минути.


– Не очекува уште еден натпревар од овие квалификации, одигравме четири доста добри натпревари но не освоивме ниту еден бод, исто како и Лихтенштајн. Ова е голема шанса за нас да направиме пресвртница во овие квалификации, сигурно не да се бориме за ова последно место. Ако го добиеме натпреварот може да се надеваме на пласман и на четвртото место. Знаеме дека на овој натпревар нема фаворити бидејќи и двете репрезентации немаме бодови во овие квалификации. Мислам дека сме поквалитетни, но само ако го дадеме максимумот, да одиграме како што се договоривме, сите да ги испочитуваме желбите на селекторот. Ако одиграме како што знаеме ние, како што одигравме на последните натпревари, нема да имаме проблеми. – рече капитенот Горан Пандев на средбата со медиумите.

Свое видување за мечот со Лихтештајн даде и селекторот Игор Ангеловски кој е голем оптимист пред петтиот меч на Македонија во квалификациите.

– Сите знаеме за нас што претставува натпреварот со Лихтештајн и од таа страна мислам дека одработивме добри подготовки и дека максимално подготвени ќе влеземе на овој дуел, се со цел да дојдеме до победата. Јас и на пресот кога се собравме кажав дека во фудбалот нема лесни противници, дека доколку сакаме да победиме мораме ние да бидеме на максимално ниво, на нивото што бевме и на минатите натпревари, но со една разлика, овој да ни донесе позитивен резултат. Доколку играчите го почитуваат се она што сме се договориле мислам дека шансите за да дојдеме до првата победа се големи. – додаде селекторот.

Македонија и Лихтештајн без бодови се наоѓаат во долниот дел од табелата, а мечот в петок ќе биде шанса за една од двете селекции да ги запише првите три бодови на своето конто.

OhridNews