Македонската ракометна репрезентација ја забележа втората победа на мундијалот во Шпанија совладувајќи ја селекцијата на Катар 34-30 (21-13).

Избраниците на селекторот Ѕвонко Шундовски на мечот против Катар одиграа две различни полувремиња. Во првото предводени од перфектната реализација во нападот “Македонската фаланга“ ја решетеше мрежата на катарците и стигна до убедлива предност од (+11) 20-9. Ракометарите на Катар со серија голови ја намалија разликата и на полувремето заминаа со негатива од осум голови 21-13.

Пропустите кои селекцијата на Македонија ги направи на премиерниот натпревар со Чиле, ги повтори на дуелот со Катар. Техничките грешки кои се несвојствени за ракометари од калибарот кои ги поседува македонската селекција катарците максимално ги искористија и се доближија на -2 (28-26).

Кога се кршеше резултатот на сцена стапи “минестерот за одбрана“ Борко Ристовски, кој со четири успешни интервенции во серија стигна до 13-та и ги отпиша катарците за поволен резултат.

Одбраните на Ристовски, со голови ги капитализираа Кирил Лазаров, Манасков, Н. Мојсоски и ја запечатија втората мундијалска победа за Македонија.

Во листата на стрелци за Македонија се запишаа дури дванаесет ракометари. По правило најпрецизен беше капитенот Кирил Лазаров со девет голови, шест постигнаа Н. Мојсоски и Манасков.

Во третата рунда македонската ракометна селекција ќе се сретне со Исланд. Мечот се игра во вторник со почеток во 18:00 часот.

Мх.П.