Бразил го одигра сигурно најтешкиот меч. Првото од седумте финалиња е добиено. Остануваат уште шест до “Хекса“. Победата над Хрватска и тоа како ќе биде спуштање на притисокот и внесување на дополнителен мир и спокој кај избраниците на Сколари.

Домаќинот кој е главен фаворит за титулата ја оправда фаворитската улога. Победата стигна по поклон пеналот од јапонскиот судија но за неа бразилците добро запнаа.  Но мечот со Хрватска покажа дека “кариоките“ се ранливи, токму главниот адут на Сколари, “челичната“ одбрана не делуваше така сигурно и компактно во последните минути од мечот. Серија конфузини реакции се изродија по притисокот на “коцкестите“,а една супер интервенција на Цезар не дозволи да биде расипана забавата во Сао Паоло.

Бронзените од 98 повеќе од оправдано се жалат на арбитражата на јапонецот Нишимура, за кого најверојатно ова ќе биде првиот но и последен натпревар на Мундијалот. ФИФА остана тврда на ставовите околу технологијата и “шесте“ судии, но доколку се одлучеа да ја прифатат таа новина од Лигата на Шампиони, а не спрејот за коса, пардон за обележување на живиот ѕид, тогаш резултатот можеби, можеби ќе беше поинаков. Вака остануваа тапкањето по рамо за хрватите оти добро се покажале.

Возбудувањата што туку започнаа.

М.П.