Апсурдни и целосно невистинити се информациите дека за поставување и функционирање на лизгалиштето се потпишувале договори поврзани со низа нејаснотии, изјави денес на прес конференција секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, одговарајќи на барањата на општинската ЛДП да се презентира договорот врз основ кој е поставено лизгалиштето.

Онака како што го замисливме така и функционира лизгалиштето за што потврда се бројната посетеност , што е доказ дека проектот е успешен. Проектот започна на иницијатива на Секторот за ТЛЕР од каде на 5- ти декември беше доставено барање до градоначалникот за издавање одобрение за поставување на урбана опрема. Со оглед на тоа дека лизгалиштето е предвидено со програмата за поставување на урбана опрема, од страна на Секторот за урбанизам беше издадено одобрение за поставување.По добивање на одобрението ТЛЕР достави до градоначалникот барање за склучување спогодба за деловно техничка соработка со економски оператор кој ќе работи со лизгалиштето. Потоа, беше склучен договор за соработка меѓу општина Охрид и ДОЕЛ Маредо- Охрид, кое е овластен претставник на австриското претпријатие , од чија страна беше добиено известување дека лизгалиштето може слободно да се користи за потребите на општина Охрид. Тоа значи дека локалната самоуправа нема обврска да плаќа надомест за користењето на лизгалиштето, изјави секретарот Спасески.

Тој додаде дека согласно договорот за деловно техничка соработка и со оглед на тоа дека општината се обврзала да преземе одредени активности во правец на обезбедување на потребната документација за поставување и одредени технички предуслови , со записник се утврдиле правата и обврските. При тоа, општина Охрид и ДОЕЛ Маредо се договориле дека одредени денови лизгалиштето бесплатно ќе се користи од страна на граѓаните, дека ќе има бесплатни термини за деца од социјално ранливи категории, како и термини за учениците.

Ако направите една груба математика околу 5 000 деца ќе добијат од прилика по 3 бесплатни термини, односно доаѓаме до една бројка од 15. 000 бесплатни карти .Ако се направи пресметка од 1,5 евро колку што е пазарната вредност ќе дојдете до една бројка од 22-23 000 евра, и тоа се пари кои што Општина Охрид ги има заштедено од сопствените граѓани и овозможува ова лизгалиште да биде практично достапно за секој граѓанин. Самата цена е субвенционирана и изнесува само 100 денари за час, рече Секретарот Спасески.

Секретарот информира дека веќе разговарал со неговиот адвокатски тим од кој побарал да ги преземе потребните законски дејствија за поведување постапка за клевета против претседателот на општинската ЛДП, бидејќи неговото име било спомнато во контекст на тоа дека потпишувал некаков договор- афера за реализација на проектот .

Т.К.