Анализите кои во изминатите 18 месеци ги направи општина Охрид покажаа дека во моментов најдобар модел за изградба на автобуска станица, катна гаража и дом за стари лица е преку продажба на државното градежното земјиште, изјави секретарот на општина Охрид Димитар Спасески на прес конференцијата, што се одржа попладнево, а по повод обвинувањата изнесени претходно, исто така на прес конференција, од страна на опозициската СДСМ. На неа беше истакнато дека општината наспроти дадените ветувања овие капитални објекти нема да ги гради со сопствени средства или по пат на јавно приватно партнерство и дека со продажбата на локациите предвидени за оваа намена, се раскрчмува имотот на општината.
-Анализите направени со стручни лица и заинтересирани приватни инвеститори покажаа дека најдобар и најбрз модел на реализација на овие капитални проекти е со продажба на земјиштето, а на општината во моментов со оглед дека многу добро ја знаете финансиската состојба во која се наоѓа таа, одлично би и дошле приходите по основ на продажба на земјиштето и комуналии. Наша мисија сега е што повеќе инвеститори да се јават на јавниот повик со цел да се зголеми цената на продажба. Доколку не успее овој модел не ја исклучуваме можноста да се одлучиме за друг модел, како јавно приватно прартнерство или друго согласно законската регулатива.-изјави секретарот на општина Охрид Спасески.
Почетна цена за откуп на земјиштето каде треба да се гради автобуска станица е 3170, односно 1393 денари за дом за стари лица и 1543 за катната гаража. Спасески изнесе податоци за очекуваната добивка од продажбата на земјиштето за изградба на автобуската станица која ќе се гради на 11.991 метар квадратен. Проекциите се дека со продажба по најниска цена ќе се инкасираат 38.014.418 денари, од што согласно закон државата добива дваесет отсто, а општината би добила 30.411.534 денари. Очекуваниот приход од продажба на парцелата за катна гаража од 1515 метри квадрати е 1,8 милиони денари, а од продажбата на парцелата за изградба на дом за стари лица од 8425 метри квадратни 11,7 милиони денари. Дополнително уште неколку милиони денари би се добиле по основ на комуналии, додаде Спасески.
–Бенефетитот е што граѓаните покрај тоа што ќе добијат автобуска станица, катна гаража и дом за стари лица, општината ќе добие средства од продажбата земјиштето и по основ на комуналии, со кои понатаму ќе може да планираме друг развој на Охрид и да ги враќаме долговите кои ги наследивме од СДСМ.-рече Спасески.
Тој отфрли можност за евентуални злоупотреби, истакнувајќи дека змјиштето кое ќе биде предмет на продажба ќе може да се користи исклучиво за изградба на предвидените капитални објекти.
–Минато свршено време е кога СДСМ едно планираше во ДУП-овите, друго поминуваше на совет, трето доставуваа до Министерството за транспорт и врски, а на терен се градеше сосема четврто. Во однос на изградбата на овие три капитални објекти многу значајни за Охрид, во самата урбанистичка документација, односно во маркицата се предвидува намена исклучиво за изградба на автобуска станица, катна гаража и дом за стари лица. Тука менување нема. Дополнително јавниот интерес ќе го заштитиме и во самата тендерска документација каде ќе наведеме дека земјиштето се продава исклучиво со оваа намена и самиот купувач на земјиштетот ќе има обврска во рок од три месеци да прибави дозвола за градба и по извесен број на години да изгради таков објект. Тука манипулации нема да има.-истакна Спасески.
OhridNews