Цели генерации не го паметат Студенчишкото блато како споменик на природата, туку на едно место на кое што СДСМ со своето урбанистичко дивеење му нанесе ненадминливи траги и засекогаш ја запечати неговата судбина како депонија и комплетно го уништи, рече на денешната прес-конференција секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, реагирајќи на обвинувањата од општинската СДСМ.

Трудејќи се да ја избегнат одговорноста, СДСМ сега се јавува со наводна грижа за Студенчишкото блато, која не е основана. Таму освен градежен шут од поранешната библиотека и останатите градежни елементи кои не им требаа при градењето, нема да најдеме ништо. Нема ниту природен свет, туку напротив тоа е место кое моментално го нагрдува градот. Со помош на многу експерти, со помош на Министерството за транспорт и врски, се обидуваме да најдеме најсоодветно решение за тоа место.“ – рече Спасески, истакнувајќи дека најавата на градоначалникот Бакрачески за изградба на марина е одлична можност за урбанизација на овој простор.

На обвинувањата на општинската СДСМ околу неисполнетите предизборни ветувања на градоначалникот Бакрачески, Спасески потенцира дека  за Домот за стари лица и проектот автобуска станица не била наследена никаква урбанистичко-планска документација, додека за затворениот пазар наследени биле нерешени имотно-правни односи.

Очигледно дека СДСМ продолжува со својата политика, тоа е битка со замислен непријател. На прес-конференциите кои го одржуваат неколку дена после одржување на седница за советнички прашања, се обидуваат да ја замајат јавноста со невистини. За сите состојби во овој град, во најголема мера штета е направено во мандатот на СДСМ, односно во последните осум години во Охрид.“ – потенцира Спасески, кој ги истакна реализираните активности на локалната власт меѓу кои асфалтирање на улици, поставување на водоводна мрежа и атмосферска канализација, реновирање на училишта и градинки и намалување на долгот на општината за 4 милиони евра.

OhridNews