Во тек е обуката за спасители на отворени води која се одвива под водство на национални инструктори за безбедност на вода со помош на иснтрукторите на Црвен крст Охрид.

Претседателот на Црвениот крст, Сашо Точков вели дека за жал нема голем одзив, односно пријавени се осум лица кои доколку ја завршат успешно обуката ќе бидат ангажирани од нивна страна.

Заедно со останатите спасители кои ни се на располагање се надевам ќе бидат доволни да се грижат за безбедноста на капалиштата. Спасители ќе бидат обезбедени за плажите кои имаат концесионери, односно плажите пред хотелите секако по нивно барање. Минатата година кога плажите беа преуредени од страна на локалната имавме патроли и на овие плажи. Знаејќи го видувањето на локалната од минатите години и финансиската состојба не би излегувале со спасители на секое капалиште, но како превенција добро е да имаме патроли кои би се движеле и би биле постојано во тие осум часа на еден поголем потег на пример од Горица 3 до Гранит каде што е најфреквентно и на делот кај Канео, Потпеш на тие капалишта, вели Точков.

Потенцира дека тие што ќе се грижат за капалиштата треба да обезбедат и безбедност на истите, а Црвен крст Охрид стои на располагање.

Доколку се појави потреба Црвен крст Охрид ќе излезе повторно во пресрет со патролите. Веќе има интерес од концесионерите, а се надеваме дека сите оние кои сакаат да обезбедат безбедни капалишта ќе се обратат кај нас. Стоиме на располагање со капацитетите кои ги имаме, а кои не се ни приближно од тоа што го имавме минатите години поради проблемот со иселување на младите луѓе и се помал интерес за бавење со вакави хумани и благородни професии и покрај нашата мотивација, додава Точков.

Н.С.Ј.