Имаме историска одговорност да продолжиме со организација на избори какви што доликуваат на една европска демократија, на земја која се стреми кон полноправно членство во ЕУ и која во овој период очекува сериозни одлуки за нашата европска иднина, рече на денешната прес конференција премиерот Оливер Спасовски на која се осврна за претстојните задачи и обврски на владата.
- Украс на секоја европска демократија се слободните медиуми. Медиумите кои известуваат независно, непристрасно и професионално се гарант на развојот на демократијата во општеството и чувар на слободната мисла и сите новинари и медиумски работници треба да уживаат максимална заштита и слобода. Го осудуваме секое насилство и говор на омраза против новинарите и медиумските работници. Институциите се должни секој напад врз интегритетот на новинарите да го истражат, докажат и санкционираат, додаде премиерот.
Потенцира дека цел на актуелната Влада е создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните, бидејќи само вистински информирани граѓани може слободно да донесат одлука за иднината на својата држава.
- Очекувам професионална соработка помеѓу Владата и Собранието, а особено со Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, како и со сите органи и тела кои имаат улога во организацијата и спроведувањето на изборите. Со организацијата на локалните избори во 2017 година, на референдумот во 2018 година и на претседателските избори во 2019 година поставивме стандарди кои не смеат да бидат нарушени и кои ќе бидат водилка и за организација на изборите закажани за 12 април оваа година, рече Спасовски.
Премиерот додаде дека е особено значајно граѓаните да бидат мотивирани да учествуваат во демократскиот изборен процес во колку што е можно поголем број, да имаат поттик да гласаат на изборите и да веруваат во изборниот систем.
OhridNews