Пратениците во Собранието едногласно ги изгласаа Оливер Спасовски и Фросина Ременски за министри во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, со 101 глас „за“, а ниту еден против, jавува „Макфакс“.
Третиот минстер кој денеска беше избран во парламентот, ги доби само гласовите на владејачката коалиција, а пратениците од опозицијата гласаа против одлуката досегашниот заменик-министер Марта Арсовска-Томовска, да ја преземе испразнетата фотелја во Министерството за информатичко општество и администрација, по заминувањето на Иво Ивановски.
Гласањето на опозицијата по изборот на Арсовска-Томовска наиде на неодобрување во редовите на пратениците од власта, а новата министерка беше сепак изгласана со 71 глас „за“ и триесет и еден глас „против.“
Новоизбраните министри дадоа свечена изјава пред парламентот дека одговорно ќе ја вршат функцијата и дека ќе го почитуваат Уставот.
Независната пратеничка Роза Топузова Каревска рече дека новата техничка влада, воопшто не е тоа во Македонија, затоа што според дефиниција техничка влада значи на чело на министерствата да стојат професионалци од струката, а тоа не се Оливер Спасовски кој е на чело на министерството за внатрешни работи, ниту, Ременски, на чело на Министерството за труд и социјална политика.
За Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија од денеска доби хибридна влада во која учествува и опозициската СДСМ. Која според него со тоа што дала двајца министри, станала хибридна партија, која повеќе не е само опозициона.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ појасни дека СДСМ не може да биде коректив на власта, како што најави Горан Сугарески од СДСМ, затоа што повеќе не се опозиција, која по дефиниција е коректив на власта.
„СДСМ сега е дел од власта и за тоа ќе треба да си преземите одговорност. Ние имаме големи предизвици, како бегалската криза, како закани по безбедноста од тероризам, министерот за труд и социјална работа треба да ги продолжи проектите кои дадоа големи резулати“, рече Димовски, кој СДСМ ја нарече квази партија.
Тимчо Муцински е избран за заменик министер во Министерството за информатичко општество со 69 гласови „за“, Митко Чавков е изгласан со 97 гласови „за“, Диме Спасов заменик министер во министерството за труд и социјална политика е избран со 95 гласови „за“, Кире Наумов на предлог од СДСМ е изгласан за 97 гласови „за“, Љупчо Николовски е избран за заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство со 97 гласови „за“, Александар Кирацовски, на предлог на СДСМ, е избран за дополнителен заменик во министерството за информатичко општество со 99 гласа „за“.
OhridNews
извор:„Макфакс“