Во Македонија се почитуваат правата на секој еден граѓанин, на секој еден човек кој што се наоѓа на територијата на државата, а изјавите на Христијан Пендиков се чиста глупост, рече денес министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите на Пендиков, секретарот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид, во интервју на бугарска телевизија дека бил нападнат во Македонија на национална основа и дека Бугарите во Македонија може да бидат стрелани, а полицијата не презема ништо.

Меѓународните институции ја оценија Македонија како една од најбезбедните држави во регионот, како земја која е на 36-то место на глобалниот индекс за мир. За секој еден граѓан државата е тука и ќе се најде во заштита. За тоа кои биле причините за нападите одговор дава истрагата на Јавното обвинителство и добро е што овој случајот е расчистен. Не може 30 години да живеете во една држава и никој ништо да не ви рекол и сега одеднаш да речете дека државата не ви ги почитува правата. Тоа не е реално, не е факт, вели Спасовски.

Сепак, вели, упатувам порака дека насилство не смее да има во никој случај за ниту една причина и недозволиво е да се „навредува една цела земја“.

Никој нема право и нема да дозволиме да ни го негира и нашето право на самоопределување, ние сме тие кои се чувствуваме како Македонци и ние сме конституенти на државата и одлучуваме за нашата иднина, кој сме по идентитет и јазик, а ќе го почитуваме правото на самоопределување на секој еден кој живее на териотријата на државата или доаѓа, додаде Спасовски.

OhridNews