Мора да направиме се за да се промени оваа погубна политика за Македонија во изминатите 8 години затоа што премногу млади ја напуштаат земјата, изјави денеска во Охрид генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски. Тој заедно со носителот на листата за пратеници во 5та Изборна единица Васко Ковачески и кандидатите од Охрид Томислав Тунтев и Ѓоко Танасоски, остварија средби со охриѓани од кои побараа да ја поддржат опозицијата на претстојните парламентарни и претседателски избори.

-Сакаме да ги охрабриме охриѓани и покрај притисоците што ги имаат и од локалната и од централната власт масовно да излезат на избори во недела. Само преку масовен одзив на изборите можеме да ги стопираме сите работи кои ги прават во изборниот процес како уцени, поткупувања, притисоци, закани и.т.н, и на тој начин да ставиме крај на ова зло во Република Македонија.-рече Спасовски.

Запрашан дали СДСМ размислува за бојкот на претстојните избори, Спасовски истакна дека целта е да има масовен одзив на гласачите, додавајќи дека единствена опција за државата е победа на опозцијата на 27ми април.

Носителот на кандидатската листа за пратеници во „петката“ упати критика до власта предводена од ВМРО ДПМНЕ, обвинувајќи ја дека таа во изминатите 8 години потрошила над 15 милијарди евра од буџетот на државата, а Охрид и останатите градови во внатрешноста ги оставила на маргините за сметка на инвестициите во споменици, жални врби и забегани проекти во главниот град.

-Охрид и охриѓани заслужуваат и повеќе и подобро. Затоа заедно со кандидатите од Охрид во изминатиот период ја промовиравме нашата изборна програма „Промени за нов почеток“ затоа што граѓаните сакаат промени, а почеток затоа што е потребен нов почеток за нашата држава.-рече Ковачески.

Тој изрази очекување дека опозицијата во 5 ИЕ на овие изборни ќе го подобри резултатот остварен во 2011 година.

OhridNews

СДСМ: Се случи уште една груба злоупотреба и партизирање на охридското здравство