Во моментов состојбата на јужната граница каде поминува таканаречената балканска бегалска рута е стабилна, но треба да бидеме подготвени затоа што во секој момент може повторно да ескалира мигрантската криза поради состојбата во Сирија и затегнатите односи помеѓу ЕУ и Турција, изјави денеска во Охрид министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-Немаме некакви најави коишто може да не загрижуваат во смисла на енормно зголемување на бегалци коишто би можеле да бидат на нашата граница но и на оваа таканаречена западно-балканска рута. Меѓутоа, ние сме подготвени, како и да е мора да бидеме подготвени, затоа што таа мигрантска криза може да добие на интензитет во секој еден момент. Нашите два прифатни центри во Гевгелија и Табановце се подготвени, јужната граница ја чуваме заеднички со полициски службеници од повеќе земји од регионот и од Европа, а во завршна фаза сме на склучување на догово со „Фронтекс“ кој ќе помогне во чување на нашата јужна граница. – истакна Спасовски.
Министерот Спасовски утрово се обрати на отворањето на Генералното собрание на Асоцијацијата на Шефови на полициски служби на Југоисточна Европа (SEPCA), што се одржува во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид, на кое се разговара за безбедносните предизвици на регионот, меѓу кои е и мигрантската криза.
Г.М.












