Техничкиот Министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски соопшти дека направил 11 кадровски промени во МВР, со цел да се организираат кредибилни и фер избори, а меѓу разрешените се и двајца осомничени во случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство, кои се прераспределени на пониски позиции.

Едниот вработен е Небојша Стајковиќ кој е еден од осомничените во случајот „Трезор“, предмет за кој СЈО вчера одржа прес-конференција. Обвинителките не ги соопштија имињата, иницјалите, ниту функцијата на осомничените лица, освен дека тројца биле вработени во Управаат за безбедност и контраразунзвање, а еден во Министерството за внатрешни работи. Дел од медиумите објавија дека осомничениот кој бил вработен во Министерството за внатрешни работи е Небојша Стајковиќ, брат на Владислав Стајковиќ кој е прв сопственик на фирмата „Финзи“, фирма преку која одело незаконското набавка на опремата. Како што соопштуваат од МВР, Стајковиќ се разрешува од помошник на министерот на Оддел за информатика и телекомуникациии и се именува за дополнителен заменик на помошникот на министерот на Оддел за информатика и телекомуникациии, додека Горан Трајановски се именува за помошник на министерот на Оддел за информатика и телекомуникациии.

Разрешен е командирот на „Алфите“ Ивица Анчевски-Пуки кој е осомничен во случајот „Тортура“, односно за нечовечкото постапување при апсењето на поранешниот Министер за внатрешни работи и лидер на „Обединети за Македонија“, Љубе Бошкоски. Тој е именуван за дополнителен заменик на началникот на единица за ПОИ- Алфа, а Примислав Димовски се враќа на местото на Анчевски.

Спасовски рече дека го искористил правото според договореното од Пржино и направил смени во МВР со цел да се организираат кредибилни и фер избори во декември.

Дополнителниот заменик министер на МВР, Оливер Андонов пак обвини дека Спасовски извршил безочен упад во законската регулатива.

„Со извршените противзаконски именувања, Спасовски се стави над законот и го доведе во прашање целокупниот систем на организација и работа во МВР. Заобиколувајќи ги на криминален начин правилата, процедурите и критериумите за распоредување, Спасовски си дозволи да унапредува лица за 3-4, па се до 12 скалила во хиерархиската поставеност, што е акт без преседан и кој нема ама баш никакви допирни точки со Закон за внатрешни работи, подзаконските акти на МВР и колективниот договор“, рече Андонов.