Владата му забрани на Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да раководи со Министерството, а од друга страна не ја достави до Собранието оставката што ја поднесе на 6 април. Спасовски на прес – конференција соопшти дека е оневозможен од страна на Владата да раководи со Министерството и дека направила целосен хаос во функционирањето на МВР со два пати поништените Решенија и Правилници што ги донесе Спасовски.
„Освен што ми забрани да ги извршувам своите со Закон утврдени надлежности, Владата ги поттикна останатите функционери во министерството да ги спроведат нејзините незаконски одлуки и да вршат кривични дела, за кои ќе одговараат. Последниве два дена директорите на УБК и државниот секретар на МВР надвор од законските надлежности, издаваат усни наредби на потчинетите , за одземање на канцелариите, менување на бравите , исклучување на картиците на дел од вработените чии решенија Владата незаконски ги поништи. Со овој чин фактички и директорот на УБК и државниот секретар , од своја страна ги потикнуваат вработените да извршуваат кривични дела, преку реализирање на овие оперативни задачи, за кои се одговара според Кривичниот законик“, изјави Спасовски.
Според неговите информации, Државниот секретар ја презел улогата да раководи со МВР.
„Јас сум министер за внатрешни работи и не прифаќам никакви палијативни решенија и комбинации на заедничко раководење со министерството, па според тоа не прифаќам ни наметната одговорност за надлежности кои свесно ми се одземени“, додаде Спасовски.
OhridNews
извор Макфакс