Деветдневната потрага по исчезнатите деца од Тајланд, за среќа, заврши успешно, но нивното извлекување ќе биде тешко поради надојдената вода и калта. Спасувачите предупредуваат дека децата би можеле да останат заглавени во пештерата со месеци.

Дванаесет деца и нивниот фудбалски тренер пред 9 дена исчезнаа во поплавена пештера во провинцијата Чианг Раи, на Тајланд. Во потрагата биле вклучени 600 луѓе. „Нуркачите ги пронајдоа живи сите 13 исчезнати“, соопшти вчера гувернерот на провинцијата, Наронгсак Осотанак, и додал дека им се доставена храна.

Децата и тренерот се исцрпени и со повреди, а преживеале благодарение на водата што ја пиеле, која капела од сталактитите. Сега главниот предизвик е како да се извлечат од пештерата која е како лавиринт, а во моментов врне дожд, што уште повеќе ја отежнува ситуацијата.

Владиниот портпарол, Ахсит Чајнуват, рекол дека нуркачите на тајландската морнарица се со децата и дека спасувачите се обидуваат да инсталираат осветлување, да доведат струја и да достават средства за комуникација. Спасувачите сè уште бараат решение како да ги извлечат децата и велат дека тоа може да потрае долго време. Меѓу опциите е да се почека водата да се повлече или, пак, децата и тренерот да се обучат за користење нуркачка опрема за да испливаат од пештерата.

По исчезнувањето на децата, почна меѓународна потрага по нив. Нуркачите успеале низ тесните тунели и матната вода да допливаат до децата кои се пронајдени на карпа четири километри од влезот на пештерата. Нуркачите сега ја испумпуваат водата за децата побрзо да бидат извлечени, но дождот предизвикува проблеми.

„Ја испумпуваме водата за што побрзо да ги извлечеме децата. Но ако врне многу, нивото ќе расте и извлекувањето ќе биде отежнато“, рекол министерот за внатрешни работи на Тајланд, Анупонг Паочинда.

OhridNews

Макфакс