Четири спасувачки тима на Единицата за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст Охрид се на готовс да помогнат во поплавените места во српските градови Ужице и Крагуевац, со кои општинската организација е збратимена на локално ниво.
Како што денеска информира претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков, веќе два дена општинската организација е во подготовки и директни комуникации со овие два града.
„Постојано комуницираме и секако се понудивме за помош со она што ние го имаме на располагање. Тоа се единиците за спасување на планини и непристапни терени, кои можат да помогнат таму. Она што за нас е битно на локално ниво е дека ние веќе подготвивме четири тима на спасители со потребната опрема, а тоа се спасителни чамци, средства за спасување и логистички ресурси кои во овој момент се неопходни за населението погодено од поплавите.“ – изјави Точков.
Тој потенцира дека Црвениот крст на Република Македонија е во директна комуникација со ЦК Србија преку протоколите на Меѓународната организација, независно од помошта која земјава ја нуди како држава.
„Црвениот крст на Република Македонија е подготовен и очекува повик за да упати соодветни екипи на логистика, со цел да однесе одредена количина материјали кои се неопходни за неселението. Како и да е, нашите екипи чекаат повик да заминат и помогнат во овие региони.“ – потенцира Точков.
Инаку, изминативе денови Србија и Босна и Херцеговина се справуваат со големи поплави, кои зафатија повеќе области на двете земји. Според последните податоци на српското МВР, досега во земјата се евакуирани 6.175 лица, 20 се повредени, а еден се смета за исчезнат.
OhridNews