Со тактичко показна вежба, доделување признанија и благодарници и низа свечености денеска во касарната „Илинден“ се одбележа 41-годишнината од формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Министерот за внатрешни рабори, Оливер Спасовски, порача дека претставува чест да се одбележи годишнината од формирањето на најреномирана полициска формација во рамки на МВР.
На прагот од петтата деценија САЕ „Тигар“ од аспект на професионалност и стручност на нејзините пропадници претставува вистинска гордост не само на МВР, туку генерално на Северна Македонија, и на тоа сум длабоко убеден, изјави Спасовски.


Вие и вашата единица испраќате силна порака дека Република Северна Македонија има добро подготвен и функционален систем за национална безбедност за борба против сите облици на криминал, а особено за борба против тероризмот. Почитувани припадници на „Тигар“ Ви го честитам денот на формирањето и во името на граѓаните Ви посакувам понатамошни успеси во извршувањето на вашите задачи, изјави Ковачевски.

Командантот на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ Митко Даневски, посочи дека единицата претставува професионална и високо опремена единица, која само во текот на минатата година имала обуки и вежби со зелените беретки на САД, како и специјалните единици Кобра од Австрија, Урна од Чешка, Карабинерите од Италија и Раид од Франција.
Реализирани се повеќе од 100 акции за сузбивање криминалистички групи и апсење на вооружени лица, од кои 57 акции беа насочени кон спречување недозволена тргоција со наркотици и беа запленети повеќе од три тони наркотици и поголема количина на оружје. Извршени се и 69 упади во објекти и 13 препади на моторни возила со присилно запирање, при што лишени од слобода се 89 лица, изјави Даневски.

Во рамки на одбележување на свеченоста беа доделени и благодарници за соработката на МВР, БЈБ, Синдикатот на полицијата и поддржувачи на единицата. Јубилејни плакети за 5, 15 и 20 години служба во единицата беа врачени и на повеќе припадници од САЕ Тигар.

Единицата минатата година е ребрендирана од единица за специјална задачи во единица за Специјална антитерористичка единица.
OhridNews
Фото: Миа












