Во рамки на одбележувањето на 99 години постоење, Стопанската комора на Македонија, му додели Специјално признание за посебен придонес во унапредување на меѓусебната соработка на охриѓанецот Ѓоко Танасоски, доскорешен директор на Царинската управа.

Признанието, Танасоски го доби за своите залагања и успешна имплементација на решенија кои ја поедноставуваат царинската процедура и го подобруваат работењето на царината, како што е граничниот систем „One Stop Shop“. Со спроведување на процесот на дигитализација, односно без хартиена околина, како и  воведување на концептот на овластен економски оператор, се поедноставија и забрзаа царинските постапки со што се намалија трошоците на економските оператори и се зголеми нивната конкурентност во склоп на регионалните и европските синџири на снабдување.

Особено ми е драго што ова признание доаѓа од Стопанската комора, односно од економскиот сектор, затоа што претставува потврда на моите залагања и работа во Царината, кои беа во насока на подобрување на сервисот и процедурите за економските оператори како двигатели на развојот. – изјави за OhridNews Ѓоко Танасоски, кој ја извршуваше функцијата директор на Царинската управа од август 2017 година до јануари оваа година.

Стопанската комора на Македонија секоја година им доделува признанија и награди на поединци, домашни  компании и субјекти од економскиот сектор кои оствариле позитивни резултати во работењето во изминатата година. Наградите, кои традиционално се доделуваат на настан на кој се одбележува годишнината на Комората, се поделени во повеќе категории според однапред утврдени критериуми, а одлуката ја донесува Управниот одбор на Стопанската комора. Поради актуелната криза наметната од пандемијата, оваа година Стопанската комора годишнината ја одбележува преку тв емисии.

OhridNews