ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга со низа активности се вклучува во одбележување на Светскиот ден на бубрегот – 13 март. Целта, велат од Болницата е да се подигне свеста на населението за бубрежното здравје. Во оваа насока во Болницата се поставени банери и постери, со логото на Светскиот ден на бубрегот, како и засадени дрвја во дворот на Болницата како симбол на засадување живот и здравје.
Денес во текот на вечерните часови целата Болница ќе биде осветлена во сина боја во чест на Светскиот ден на бубрегот. Утре, за нас најзначајниот ден – Светскиот ден на бубрегот, пациентите кои ќе дојдат во нашата Болница ќе добијат мали подароци, заради тоа што тие се основата поради која ние работиме и поради кои се стремиме постојано да се усовршуваме и од ден на ден да стануваме се подобри, велат.
Посочуваат дека не само оваа недела и не само поради прославата на Светскиот ден на бубрегот, ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга секој ден го слави здравјето на луѓето, секој ден слави победа над болестите и секој ден се бори да биде подобра.
Оваа година Светскиот ден на бубрегот се одбележува под мотото „Дали се вашите бубрези во ред?“. Откријте рано, заштитете го здравјето на вашите бубрези. Превенцијата на бубрежните болести е клучна за одржување на здравјето на бубрезите и спречување на сериозни проблеми во иднина, потенцираат од Болницата.
Воедно посочуваат на некои клучни препораки како здрав начин на исхрана, одржување на нормална телесна тежина, редовно вежбање и физичка активност, контрола на крвниот притисок и шеќерот во крвта, одговорна и претпазлива употреба на лекови (антибиотици, НСАИЛ), пиење на доволно вода, редовни медицински прегледи (регулација на крвен притисок, БМИ, албуминуриа, Urinary Albumin- Creatinin Ratio; eGFR).
OhridNews