Сместен помеѓу блескавото Јадранско Море и високите ридови на словенечкиот брег, градот Изола секое утро се буди со мирис на сол и бор. Низ кривулестите улички од кои се издигаат пастелни куќички шепотат приказни за венецијанските трговци, рибари и уметници опиени од неговата убавина
Секое лето, Изола е полна со живот. Мештаните и гостите се собираат по шеталиштето каде што морето го бакнува стариот град, уживајќи во зајдисонцата што го претвораат хоризонтот во стопено злато. Но, ова лето донесе повеќе од вообичаениот шарм.
Рибари – легендарната навивачка група на Изола, одбележаа 35 години жестока лојалност и огнен дух. Познати не само по својот глас на спортските натпревари, туку и по нивната духовна поврзаност со идентитетот на Изола, „Рибари“ деновиве организираа роденденска прослава што ќе биде врежана во меморијата на градот.
Јубилејот беше одбележан со големо пиротехничко шоу на брегот на Изола на кое ми претходеше навивачко кортео кое ги сплоти сите генерации, а кулминираше со заедничка дружба и незаборавен концерт на кој настапија голем број музичари, меѓу кои и Drill (Андреј Бучар), познатиот словенечки рап изведувач, ем-си, продуцент и промотор кој ја има напишано и отпеано мегапопуларната песна за Рибари Изола и неговиот роден град „За Изолане“.
Drill – „Za Izolane“ I Видео: Рибари Изола
Со роденденот на „Рибари“ – Изола се идентификуваше целиот град, а настанот беше вистинска атракција и за туристите кои уживаа во славеничката атмосфера.
На прославата гости беа градоначалникот на Изола и членовите на локалниот совет, познати личности и гости, меѓу кои беа имењаците од градот под Самуиловите тврдини – Рибари Охрид, кои ги пренесоа честитките од Град Охрид до Изола за 35 роденден на нивната навивачка група.
Среќен 35 роденден Рибари – Изола!
Г.М.