Генетските предиспозиции, физичката неактивност и неправилното држење на телото се основните причини поради кои голем процент од  децата имаат деформитети на рбетот, потенцираат физијатрите. Тие го демантираат најчестото размислување на родителите дека тешките училишни чанти се главните „виновници“ за оваа појава.

Децата училишната чанта  ја носат кратко време додека одат кон училиште и се враќаат. Основни причини се генетските предиспозиции кај  родителите или поширокото семејство што потоа ги наследува и детето. Често пати при нашите прегледи го забележуваме лошото држење кај родителите и им воочуваме од каде доаѓа тој деформитет и кај нивното дете. Потоа за деформитетите на рбетот придонесува и  лошото држење кое доаѓа од седечкиот начин на живеење кај современите деца, односно  се помалата физичка активност поради презафатеноста на децата и самите родители. Децата покрај наставата  изучуваат и странски јазици, родителите своите работни обврски често пати и дома ги извршуваат и за да можат да ги смират своите деца им дозволуваат да играат на комјуптер или телефон и тоа  е онаа положба која детето ја завзема,а при тоа никој не ја корегира. Доколку не се превенира тоа преминува во трајно искривување на рбетот што е многу посериозно, вели примариус д- р Велика Лабачевска, претседател на Здружението на физијатри на Македонија и специјалист  физијатар вработена во Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје.

Д- р Лабачевска додава дека на училиште не се доволни само часовите по физичко воспитување, туку дека се неопходни и  вежби за правилно држење на рбетот со цел зацрвстување на мускулатурата во текот на развојот на младите.

Потребна е едуцираност на наставниот кадар за вежби за правилно држење на рбетот.  Погрешно е и тоа што училишните клупи и столови не се адаптирани за различната возраст на децата кои следат настава, затоа што најчесто на исти столови седат најмалите, но и возрасните ученици, вели д- р Лабачевска.

Таа потенцира дека голема улога во раното откривање на деформитетите на  рбетот кај најмладите имаат училишните лекари кои при редовните систематски прегледи мора да ги откријат и веднаш да ги препратат децата кај ортопед или физијатар со цел веднаш да се реагира за да не се јават трајни последици.

Т.К.