-Разговаравме и за трендовите за привлекување странски пациенти што е од непроценлива вредност и предуслов за развој на здравствен туризам, како и за мерките што треба да се преземат во таа насока. Наша заложба ќе биде подобрување на инфраструктурата на болницата, приклучување кон одредени проекти на Министерството за здравство, како за реконструкција, така и за набавка на потребната медицинска апаратура, истакна пратеникот Шокароски, кој потекнува токму од оваа здравствена установа.
Тој посочи дека во рамки на проектот на Владата за набавка на нова медицинска опрема, вреден 100 милиони евра, болницата „Св. Еразмо“ доби значаен дел од таа опрема, како што е новиот мобилен рендген апарат, два анестезиолошки апарати, апарати за механичка вентилација, нови оперативни столови, оперативни светла и друго, што претставува значаен момент во подобрување на работењето и условите во болницата.
Пратеникот Александар Николоски истакна дека болницата „Св. Еразмо“ претставува позитивен пример во македонското здравство, која континуирано бележи успеси.
-Оваа болница под водство на актуелниот раководен тим го зголеми бројот на пациенти за 70 проценти, што е неспоредливо со било која друга институција и е за пофалба. Ние ќе се заложиме Фондот за здравство да го зголеми буџетот на болницата за да може да одговори на обемот на работата, за што е потребно подмладување на кадарот и нова апаратура, рече Николоски.
Директорот на специјалната болница „Св. Еразмо“ , Д-р Митко Тилески, истакна дека здравствената установа како ретко која друга во земјата може да се пофали со големиот број пациенти не само домашни, туку и од регионот, како и со бројот на успешно изведени интервенции.
-Само минатата година тука се вградени 500 импланти, а позитивниот тренд продолжува и оваа година. Од сопствени средства и донации изградивме трета операциона сала, сала за анестезија и реанимација и набавивме рендген апарат, така што работиме со полн капацитет, и доколку добиеме дозвола за зголемување на бројот на персонал, што е навистина неопходно, како и дополнителна опрема, уште повеќе ќе се подобрат условите и услугите на болницата, рече Д-р Тилески.
Во голема мера тоа ќе се подобри со доизградба на новото болничко крило, кое со години стои во фаза на карабина, со што би се решиле проблемите со простор во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“.