Најавената иницијатива за проширување на Првата лига од 12 на 14 или 16 клуба за сезоната 2011/2012 е спротивна на статутот на Фудбалската федерација на Македонија, тврди Миле Спирковски во изјава за дневниот весник Нова Македонија,  комесар за натпревари во ФФМ, во пресрет на годишното собрание на ФФМ, в сабота, во Охрид.


Оваа иницијатива стана актуелна последниве неколку недели, откако некогашните гиганти во македонскиот фудбал, Вардар и Пелистер, се пред преселба во Втората лига. Со зголемувањето на Првата лига би се избегнал овој срам на скопската и битолската фудбалска гордост. Но, според статутот, промена на системот на натпревари може да се направи најдоцна една година пред почетокот на сезоната за која таа промена ќе важи.

– Засега до мене нема стигнато ништо официјално. Ако има барање идната сезона Првата лига да има 14 клуба, два повеќе од сезонава, тоа барање требало да биде поднесено најдоцна во јули 2010 година. Тоа значи дека каква било промена на претстојното собрание ќе биде нестатутарна. Доколку работиме спротивно од статутот, дури ќе се доведеме до ситуација Европската фудбалска унија, УЕФА, да ја поништи лигата. Згора на ова, вакво барање не е на дневниот ред на собранието, а ако некој сакаше да биде ставено, требаше да го поднесе 20 дена пред неговото одржување, што значи дека сега и за тоа е премногу доцна – објаснува Спирковски.

По осамостојувањето на земјава, Првата лига почна со 18 екипи во сезоната 1992/1993, но веднаш следната сезона беше намалена на 16. Во сезоната 1996/1997 веќе се играше со 14 екипи, а последното намалување на 12 прволигаши се случи во сезоната 2001/2002. Оттогаш Првата лига има 12 екипи.

Сето ова се правеше за да се зголеми квалитетот на првенството, во кое и сега едвај се собираат доволно клубови што можат да ги платат котизациите, а згора на тоа и да состават компетитивна екипа.

– Со вакви најави некој си игра со маките на луѓето што во нив гледаат сламка спас. Ова е многу слично како и пред две години, кога ги лажеа Македонија ЃП и Слога Југомагнат дека ќе ја поништат одлуката на ФФМ да бидат исклучени од лигата откако не одиграа по две првенствени средби. Но против статутот не се може. Според мене, за наши услови поголема лига е лудост. Ниту 12 клуба немаат пари за да се натпреваруваат во Првата лига, па камоли повеќе. Дај боже да има пари и спонзори, па да имаме и повеќе квалитетни прволигаши, но реалноста е сосема поинаква – вели Спирковски.

Извор “Нова Македонија“

Ohridnews