До каде е постапката за спојување на јавните претпријатија „Градски гробишта“ и „Градски пазар“, коешто беше најавено со цел намалување на трошоците и попродуктивно работење, како и до каде е ликвидацијата на ЈП „Погребални услуги“ беше едно од советничките прашања упатено до градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков на денешната одржана 16-та седница на Совет од страна на советникот Ванчо Костоски.

Костоски потсети дека според последните информации кои ги има од секретарот, градоначалникот требал да назначи ликвидатор.

Спојувањето на јавните претпријатија претставува генерална стратегија на оваа локалната самоуправа, истакна градоначалникот Пецаков.

Овој процес ги вклучува не само ЈП „Градски пазар“ и ЈП „Градски гробишта“, туку и постапката за ликвидација на ЈП „Погребални услуги“, кое долги години не функционира (од 2013 или 2014 година). Сепак, неговите побарувања и обврски беа преземени од страна на ЈП „Градски гробишта“ од кои дел се веќе завршени, а дел ќе бидат финализирани со оваа постапка, посочи Пецаков.

​Градоначалникот информираше дека веќе е поставен ликвидатор и се очекува процедурата да заврши за најмногу два месеци. Со тоа, од трите досегашни претпријатија ќе се формира едно интегрирано јавно претпријатие.

​Најави дека и понатаму ќе продолжи спојувањето на јавните претпријатија.

​Како што претпријатијата ќе застануваат на нозе едно по едно, така ќе одиме кон нивно окрупнување. Целта е намалување на бројот на директори, раководители на сектори, како и членови на управни и надзорни одбори. За околу два месеци очекувам целосно да разговараме за финалното спојување, додаде Пецаков.

Н.С.Ј.