Магазинот Time го прогласи папата Франциск за личност за 2013 година, а на второто место се наоѓа разузнавачот Едвард Сноуден, кој ги откри тајните податоци на американската Национална агенција за безбедност.

– Првиот неевропски папа во 1.200 години, е подготвен за трансформација на црквата, која не е променета со векови. Познат е како скромен човек, способен администратор и како што се очекува од секој папа, човек од голема вера. Меѓутоа, тој ќе остане запаметен по бројните работи по кои бил „прв папа” – првиот папа кој не е Европеец во модерната ера, првиот папа од Јужна Америка, како и прв Језуит кој е избран на чело на Римокатоличката црква, наведува Time.

Во своето прво појавување, откако беше избран за нов папа, наместо традиционалниот благослов од повеќе од 150 илјади луѓе кои дошле да го видат на Плоштадот Свети Петар, папата Франциск од верниците побарал да се молат за него. Исто така тој досега даде повеќе историски изјави по кои ќе остане запаметен, а една од нив е и: „Кој сум јас да им судам на хомосексуалците?”.

Во друга изјава, тој порача дека и атеистите и верниците се еднакво морално. Новиот папа одлучил и да формира специјална комисија за заштита на малолетниците во црквата, и тоа ден откако одбил да им ги предаде на ОН, податоците за бројката на злоставувани деца.

Во овогодинешниот избор на личност за годината, папата Франциск зад себе ги остави најпознатиот разузнавач Едвард Сноуден, активистката за правата на хомосексуалците Едит Виндзор, сирискиот претседател Башар ал Асад и републиканскиот сенатор од Тексас, Тед Круз.

Наградата, која претходно го носеше насловот „Човек на годината”, е започната во 1927 година. Меѓу досегашните добитници се и Хитлер, во 1938 година, и Сталин, кој два пати ја понесе титулата, во 1939 и 1942 година.

OhridNews

извор:Макфакс