Според најновите измени на проектите за изградба на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, на просторот ќе има шест објекти, сместени во три комплекси. Објектите ќе бидат пониски за една катна висина, во однос на првично изработените проекти.
Како што информира министерката за култура, Елизабета Канческа- Милеска промените следеле по извршените консултации со УНЕСКО.
– Сите проекти ги дефиниравме заедно со претставниците на УНЕСКО. По препораките кои и ние ги споменавме, а потоа беа дадени и од нивна страна беше заклучено дека е добро висината на овие објекти да се намали за една катна висина. Ние тоа го разгледувавме и претходно пред да дојде мисијата,бидејќи од страна на надлежната институција беа изготвени проектите кои сакавме ним да им ги покажеме за да видат како би изгледале објектите намалени за една катна висина. Се согласивме и тие препораки ги прифативме во интерес на самиот визуелен поглед кон езерото, рече министерката потенцирајќи дека со УНЕСКО соработката е на завидно ниво и дека воопшто не станува збор за некакво бришење на Охрид од листата на УНЕСКО.
Директорката на Завод и музеј- Охрид, Тања Паскали Бунташеска информира дека на просторот следуваат археолошки истражувања на околните прстори, кои потоа ќе бидат презентирани.
– Подобро ќе биде да се изложат археолошките остатоци, отколку да се градат и другите првично предвидени објекти, кои немаа голема важност за самиот комплекс . Ги отфрливме стаклените површини кои претходно ги имавме предвидено. Целиот комплекс ќе биде мешавина од црковно- манастирска и староградска архитектура, рече Бунташеска.
Во рамки на првиот комплекс ќе биде сместен резиденцијалниот дел и конакот, вториот ќе го опфаќа Богословскиот факултет и третиот комплекс ќе има три објекти- библиотека, музеј со галерија на икони и центар за хуманистички науки.
Според динамиката се очекува целиот коплекс да биде завршен кон крајот на 2017 година.
Т.К.