Народната банка нема да презема монтерани мерки за антиинфлаторно делување. Комитетот на НБРСМ одлучи дека постојното ниво на основната каматна стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови, и ќе остане на 1,25%, а износот на благајничките записи како основен инструмент на монетарната политика кај нас  ќе се понуди да остане во износ од 10 милијарди денари.

Стапката на инфлација во периодот од јануари- септември просечно изнесува 2,8 отсто. Нагорните ревизии кај увозните цени укажуваат на ризици за повисока инфлација од онаа што е проектирана за оваа година. Од НБРСМ велат дека растот на инфлацијата засега произлегува од фактори на страната на понудата. Оттука, засега не се оценува потреба од монетарна реакција на овие ценовни движења.

Во овој период се забележува раст на домашните цени кои се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, проследени со ефектот од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и растот на цените кој го предизвика пандемијата. Ценовните притисоци засега главно произлегуваат од понудата, без поголеми притисоци од побарувачката.

Забележан е раст на Бруто домашниот производ во првата половина од годината од 5,2 отсто што речиси се совпаѓа со проекцијата на Народна банка за раст од 5.4 отсто. Според податоците од третиот квартал од 2021 година се очекува поумерен годишен раст на БДП во споредба со високата стапка на раст во вториот квартал

Како што информираат од Народна банка, девизните резерви и понатаму се стабилни. На збирна основа, растот на девизните резерви од почетокот на годината е нешто повисок од очекуваниот според априлските проекции. Трговскиот дефицит е повисок од очекуваниот за третиот квартал од годината, додека податоците за менувачкото работење укажуваат на повисоки нето-приливи кај приватните трансфери од очекуваните за третиот квартал од 2021 година.

Закрепнувањето на економијата е речиси во целост во согласност со проекцијата, монетарните движења се нешто подобри од предвидувањата, остварувањата кај девизните резерви се умерено подобри од проекциите, а инфлациските движења се умерено повисоки од проекцијата, главно произлегувајќи од увозни фактори на страната на понудата.  Сепак, неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму се присутни. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици и соодветно ќе реагира, информираат од Народна банка

Инаку, вчера Меѓународниот Монетарен Фонд прогнозираше дека Македонија годината ќе ја заврши со инфлација од 3,1%.

 

К.А.