Советниците од ВМРО ДПМНЕ обвинуваат за незаконско разрешување и поставување на нови членови во училишните одбори во основните и средните училишта во Охрид. Пред да ја напуштат и денешната, шеста седница на советот во знак на поддршка на притворените лица за инцидентите од 27 април, тие изјавија дека членовите во училишните одбори се назначуваат по мерка на локалната власт.

Постојат луѓе на кои што не им е завршен мандатот, а се менуваат со цел назначување во училишните одбори на лица по мерка на локалната власт. Врз основа на тоа, кои ќе бидат членовите во одборите, ќе одлучуваат за ВД директорите поставени од локалната власт, а ќе се избегнат и проблеми како оние кои настанаа при менувањето на кадарот. Сега со поставување на свои луѓе ќе немаат никакви проблеми при измените на кадарот, изјави координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

Градоначалникот Јован Стојаноски тврди дека назначувањата на новите членови во училишните одбори се во рамки на законските прописи.

Мандатот на претходните членови е поминат. Мандатот на членовите во основните училишта е три години, а во средните и градинките 4 години. Има еден мандат кој се одзема поради неспоивост на функција и уште еден мандат за членство во училишен одбор се одзема заради исполент законски услов-неприсуство на три седници на одборот по ред, за што имаме и писмена дојава од средното училиште, вели градоначалникот Јован Стојаноски. При тоа, градоначалникот додаде дека опозицијата своите обвинувања треба да ги упатува од говорницата во советот, а не нивните советници да доаѓаат и се потпишуваат за да го земат паушалот, по што ги напуштаат седниците.

Советниците расправаа и за предлог–одлуката за организирање одделни услуги од дејноста на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ во  дел од просториите  на Подрачното училиште Рача при ОУ „Григор Прличев“, како и за спроведувањето мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги.

Советот ги изгласа и предлог–одлуките за формирање Штаб за заштита и спасување, за одобрување финансиски средства за материјално-финансиска поддршка на спортски клубови на подрачјето на општина Охрид за 2018 година, за предлагање за прогласување на чинарите во поширокото градско подрачје во општина Охрид и кочеџикот во дворот на црквата Св.Богородица Перивлепта во категорија-споменик на природата.

OhridNews