Според информациите од Основниот суд Скопје 1, а врз база на досегашните анализи на органите вклучени во истрагата, сообраќајката во којашто загина новинарот и сопственик на весникот Фокус, Никола Младенов е несреќен случај и засега нема индиции дека се работи за кривично дело и дека во сообраќајката учествувало и друго возило.

Младенов возел со 160 километри на час, не бил врзан со сигурносен појас, а обдукцијата утврдила дека за време на несреќата држел цигара во рака. Не е утврдено присуство на алкохол и присуство на психотропни супстанции во крвта на Младенов. Смртта, како што изјавија од судот, настанала насилно, поради прекин на работата на аортата.

Според она што го изјави портпаролот на Основниот суд Скопје 1, истражниот судија Владимир Туфекџиќ, автомобилот на Младенов немал контакт со друго возило, а трагите од кочење и деловите од автомобилот на местото на несреќата биле од други сообраќајки коишто се случиле во 2010 и 2012 година.

„Оштетувањето на возилото се од самото превртување. Она што беше дел од шпекулации во јавноста дека имало контакт со друго возило, можам да кажам дека такви анализи немаме. Од левата страна на возилото нема траги од контакт од друго возило и трагите од боја кои се наоѓале од десната страна од возилото според анализите, официјални, не потекнуваат од боја која се става на автомобили, туку се работи за антикорозивно средство“ рече Туфегџиќ.

Анализите покажале и дека трагите од левата страна на автопатот, каде се наоѓа бетонскиот столб и за кадешто се претпоставуваше дека најпрвин удрил Младенов, а потоа излетал десно, биле од друго возило од сообраќајка во 2010 година.

„Сега во овој момент се работи за тоа дека сите анализи покажуваат дека се работи за несреќен случај и причините поради кои дошло до излетување на возилото биле предмет на анализа, а тоа значи од криминалистичкото вештачење е утврдено дека брзината на движењето на возилото била 160 километри на час. Тоа излегува како заклучок од првичниот контакт односно удар во заштитната ограда од автопатот. Од левата страна на автопатот, трагите кои останале на заштитната ограда потекнуваат од изолиран случај на сообраќајна несреќа која се случила во 2010 година. Во таа смисла се направени тие споредбени анализи во МВР“ изјави Туфегџиќ.

Но се уште не е утврдено од каде се враќал Младенов вечерта, дали можеби некој го  бркал со друг автомобил, дали автомобилот бил технички исправен, а Туфегџиќ не е запознат со тоа дали е пронајден телефонот.тој вели дека сите материјални докази и цела документација ќе биде предадена во јавното обвинителство, па јавниот обвинител ќе одлучи дали ќе отвори истрага, односно дали ќе се направат дополнителни вештачења.

„Ние овој дел го третираме како сообраќајна несреќа, што значи до овој момент немаме индиции дека се работи за кривично дело, но по анализата која ќе биде направена од јавниот обвинител евентуално ќе бидат преземени дополнителни дејствија. Техничката исправност на автомобилот е дел од дополнително, евентулано вештачење, за таква работа треба да се направи проценка од собраните материјали. По однос на дополнителните вештачења на возилото јас не сум запознат , тоа се прави по предлог на јавниот обвинител по направената анализа на материјалните докази“ рече Туфегџиќ.

Истражниот судија, според Туфегџиќ ги дал потребните наредби за овој случај и постапил законски , на лице место бил од 12 до 17 часот. Овие податоци на судот произлегуваат од доставениот записник за увид на лице место, сообраќајно техничко вештачење и доставените криминалистичко техничко вештачење и обдукциониот наод и скица и фотодокументација од лице место.

Младенов загина во тешка сообраќајна несреќа вечерта 26 кон 27 март на патот Велес – Скопје, на клучката кај Хиподром, пред главниот град.

OhridNews
извор: Makfaks