Измените на Законот за спортот, ќе придонесат кон унапредување, професионализација на спортот и трансформација на клубовите  во акционерски друштва и професионални спортски клубови.

Вака смета директорот на Агенцијата за млади и спорт Диме Спасов, при тоа додавајќи дека измените ќе придонесат и за создавање на професионални лиги, подобрување на организацијата на клубовите, регулирање на статусот на спортистите и поголема грижа за спортистите и тренерите во насока на обезбедување на пензиско, здравствено и социјално осигурување од страна на клубовите.

Спасов дополни дека со законските измени се предлага широка законска рамка за составот на собранието на националните спортски федерации што ќе го сочинуваат претставниците од клубовите од прва и втора лига и останатите здружени во федерациите, како и претставници на спортските тренери, ветерани, судии и спортисти од соодветниот спорт предложени од нивните организациони облици.

Со законските измени предвидено е и формирање на  Здружение на прволигаши за остварување на своите права и интереси, особено врзани за највисокиот степен на натпревари. Со оваа мерка ќе се овозможи спортските клубови и сите останати субјекти заеднички да го одредуваат напредокот на одреден спорт.


Меѓународните лиценци  за тренери т.е. лиценцирањето на стручните лица, е прифатено во  новиот закон, и покрај досегашниот услов  стручното лице да има соодветно образование од областа на спортот од најмалку вишо образование, за стручно образование ќе се смета и стекната лиценца добиена од соодветна меѓународна спортска асоцијација.

Директорот Спасов на крајот додаде дека на усвојувањето на измените на Законот за спорт од страна на Владата на РМ, претходеше анализа за состојбата на спортот и организацијата на спортските клубови во нашата држава, во европските држави, а исто така беа организирани средби и дебата со клубовите и федерациите од екипните спортови и меѓународните асоцијации.

Ohridnews