Освен на просторот кај основното училиште „Григор Прличев“, спортски игралишта со вештачка трева- монтажни балони ќе се поставуваат уште на неколку други локации во општина Охрид.

– Има потреба за покриени спортски терени. Голем број спортски клубови и граѓани постојано бараат од локалната самоуправа да обезбеди вакви терени кои од нивна страна ќе можат да се користат бесплатно или со мал надомест, вели градоначалникот Александар Петрески.


Како што тој информира, наскоро монтажни балони ќе бидат поставени и кај спортскиот центар „Билјанини извори“, во Лескајца и Далјан.

Во тек е постапката за наоѓање нов изведувач за поставување игралиште со вештачка трева- монтажен балон во дворот на основното училиште „Григор Прличев“. Поради грешка во постапката,  договорот со изведувачот кој веќе претходно започна одредени градежни активности, спогодбено беше раскинат.

Корисникот на поставената опрема,игралиштето со вештачка трева во монтажен балон, задолжително без надоместок е должен да ја стави на располагање и користење за потребите на наставниците и учениците во основното училиште во сите работни денови во време траење на училишните часови во претпладневната настава. Игралиштето во попладневните часови ќе можат да го користат и останатите граѓани.

Т. К.