Апсолутно никој не останува рамнодушен на организацијата, на програмата и на посветеноста на Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите, сите за Спорт“ која во хотелот Десарет за прв пат организира Спортски летен камп.
Насмевката на учесниците и желбата за победа во натпреварите во разно разните спортови се доволни показатели за атмосферата во која поминува кампот „Охрид 2016“ со интернационални размери.
Специјални гости на Спортскиот летен камп има од Крагуевац, Србија, кои не штедеа зборови за домаќините, градот Охрид и неговите убавини.
– Ние лесно се определивме за овој камп во Охрид бидејќи на едно место односно во еден камп дечињата учесници можат да се занимаваат со повеќе спортови и работилници со кои се анимираат секојдневно. Кампот има одличен концепт, одговара за возраста на дечињата и најважно е што има и корисно значење. Децата кога доаѓавме беа така во некој грч и исчекување што ќе се случи. Но тоа брзо, за еден ден помина и сега веќе сите се дружат и во полн погон ги исполнуваат дадените задачи од своите ментори. Учесниците се задоволни од игрите што се познава на нивното лице. Се среќаваат со спортови за кои само слушнале и никогаш немале прилика да го играат или испробаат. Морам да ги пофалам организаторите на овој камп кои се потрудиле да биде се како што треба во секој сегмент. Домаќините секој ден на нас гостите и на учесниците ни приредуваат по некое изненадување. Би ја издвоиле прошетката со брод по Охридското езеро, а дечињата беа многу задоволни од планинаската тура на „Галичица“. – рече Драган Сретеновиќ преставник од српскиот град Крагуевац.
Дел од учесниците на Спортскиот летен камп доаѓаат од Општина Карпош, Скопје, а нивниот ментор Витомир Лазороски ги пренесува своите и впечатоците на дечињата.
– Во кампот буквално секој спорт е опфатен, нема нешто што не го имаат учесниците испробано. Морам да признам дека за ваков камп не сум слушнал прв пат, но, прв пат учествувам на камп организиран како овој под конец. Се е испланирано, се е со сатници без доцнење, за учесниците се грижат специјализирани и лиценцирани тренери, има докторска екипа, едноставно се што треба за еден камп од врвно ниво. Дечињата се презадоволни од кампот, од игрите во вода, од качувањето по планина, од можноста да пукаат со воздушна пушка и да прават авиончина. Нивното задоволство мене ми е најголемо мерило за успешноста на секој проект. – истакна Лазороски.
Организаторите на кампот ги изненадија учесниците со работилница по моделарство во која заедно со Димитри Димитров правеа авиончињата со кои подоцна и се натпреваруваа.
Мх.П.