Како причина за ваквото барање спортските риболовци ја наведуваат сушата која го загрозува вештачкиот мрест во мрестилиштата на Хидробиолошкиот завод во Охрид и Шум во Струга.
– Недостатокот на вода во изворите и спуштањето на нивото на водата во подземните води односно слаб прилив на кислород предизвика помор на рибите во мрестилиштето на ЈНУ Хидробиолошкиот завод во Охрид, а мрестилиштето Шум на Институтот за сточарство од Скопје предвремено мораше да го пушти подмладокот од пастрмката во водите на Охридско Езеро. Опасноста, од недостаток на вода и кислород во мрестилиштата не е остранета за да не се повтори, туку е зголемена, велат од С.К. „Св. Апостол Петар“.
Според риболовното здружение, начинот на кој се врши вештачкиот мрест не е во ред затоа што рибите се ловат со најлонски мрежи од тенок конец.
-Овие мрежи кои се направени од тенок најлонски конец оставаат во телото на рибите засекотини (рани) од неколку милиметри, кои се нанесуваат на рибите кога сака да се ослободи од мрежите, и кога рибарите ја вадат пастрмката за вештачки да ја измрестат. Овие риби по вештачкиот мрест се враќаат во вода но огромен процент од нив се разболува од сапролегнија на направените рани и умираат. Така ги убиваме најпродуктивните и најздравите единки кои слегуваат на мрест. Го повторуваме геноцитот кој се вршееше врз охридската пастрмка од 1935 година до 2004 година кога измрестените матици ги убиваше и Хидробиолошки институт и Институтот за сточарство. А тогашниот концесионер ги продаваше на пазар, посочуваат од риболовното здружение.
Поради наведеното, спортските риболовци од надлежни органи и институции бараат да преземат превентивни мерки и да не дозволат оваа година да се врши вештачки мрест на охридската пастрмка, затоа што и најмал еколошки инцидент, како неодамнешниот кога кус период без вода останаа инсталациите на Хидробиолошкиот завод, може да предизвика помор на над 2.000.000 рипчиња. Средствата наменети за вештачки мрест според спортските риболовци треба да се пренаменат за подобрување на физичката заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро.
OhridNews