На депонијата „Буково“ од страна на чуварската служба на ЈП„Охридски Комуналец“ биле затекнати лица кои неовластено влегле во просторот на депонијата. Чуварската служба, како што информираат од претпријатието, веднаш реагирала и ги предупредила лицата да го напуштат просторот.
И покрај даденото предупредување и наредбата од страна на чуварот, лицата одбиле да ја напуштат депонијата. Поради нивното противење и неовластеното присуство, чуварската служба веднаш го пријавила случајот до СВР Охрид, велат од ЈП„Охридски Комуналец“.
Припадниците на СВР Охрид, додаваат, навремено и професионално постапиле по пријавата и ги отстраниле лицата од просторот на депонијата.
Според сознанијата од терен, лицата биле затекнати при активност поврзана со палење кабли. Ваквото постапување претставува сериозна опасност за предизвикување пожар на депонијата „Буково“, особено имајќи ја предвид природата и условите на депонијата, велат од ЈП„Охридски Комуналец“.
Од СВР Охрид информираат дека на 17.09.2026 во 19.30 часот на депонијата кај Буково, полициски службеници од СВР Охрид од слобода лишија три лица, 27-годишно од Кавадарци, 31-годишно од Штип и 38-годишно од Струга, постапувајќи по претходна пријава дека на депонијата запалиле поголема количина кабли.
Во близина на депонијата, полициските службеници забележале и товарно моторно возило „Ивеко“ со струшки регистарски ознаки натоварено со кабли и друг материјал. По целосно документирање на настанот, против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по член 288 од Кривичниот законик – „предизвикување општа опасност“, велат од СВР Охрид.
Од ЈП„Охридски Комуналец“ апелираат до граѓаните да не влегуваат неовластено во просторот на депонијата и да не преземаат активности со кои може да се загрози безбедноста на депонијата, вработените и животната средина.
Н.С.Ј.












