Царинските службеници на Аеродромот „Александар Велики“, спречиле обид за нелегално внесување на 1600 парчиња рачно-изработен луксузен сребрен накит, чијашто вредност на македонскиот пазар би можела да достигне и до 65 илјади евра.
 
Вчера-утро, меѓу другите патници од авионот на компанијата Turkish Airlines, од Истанбул пристинале и четворица млади луѓе. По пристигнувањето, царинските службеници забележале дека сите четворица не го испуштаат од вид нивниот колега кој се движел меѓу патниците и чекаат неприродно долго да си го подигнат багажот. Во момент кога царинскиот службеник разговарал со друг патник, сите четворица брзо се упатиле кон излезот – зелен канал, каде што поминуваат патници кои немаат ништо за пријавување. Царинскиот службеник ги застанал четворицата, по што е пристапено кон детална контрола со рентген скенер.


 
Притоа, во нивните четири торби, царинските пронашле неколку пакети со вкупно 1600 парчиња рачно изработен, луксузен сребрен накит.

Во текот на службениот разговор, прекршителите изјавиле дека накитот требало да го предадат на лице од Гостивар, кој потоа го продава.  


 
Набавната вредност на задржаниот накит изнесува околу 32.000 евра, но на нашиот пазар вредноста би достигнала двојно повеќе.
 
Против прекршителите е поведена прекршочна постапка, а накитот е привремено одземен.

OhridNews