Од страна на Државниот инспекторат за земјоделство (одделение за инспекциски надзор од областа на рибарството со аквакултурата) со седиште во Охрид интензивирани се контролите по угостителските објекти, рибарници и на останати овластени субјекти кои вршат промет на риба на Охридско – Струшката ривиера.  

Во акција спроведена од Државниот инспекторат за земјоделство, на почетокот од месецов, извршени се повеќе надзори и контроли во угосителски објекти на Охридската ривиера. При надзорите констатирано е дека дел од  субјектите кои се исконтролирани во делот на затекнатата риба која е наменета за промет во угостителските објекти, истите не поседуваа соодветни документи за потекло на рибата, односно истата пуштена во промет потекнува од рибокрадци и нелегални трговци. Одземени и отстранети при оваа акција од промет се околу 30 кг охридска белвица и пастрмка. Против правните субјекти кај кои е затекната рибата без соодветни документи за потекло изречени се глоби од по 3500 евра.

Во акција спроведена вчера од СВР – Охрид и ДИЗ – Охрид, а по претходно следење на риболовот на струшкиот дел од Охридското Езеро, фатен е албански државјанин кој се обидел да прошверцува риба (охридска белвица и крап), за Република Албанија. При оваа акција запленети и одземени се околу 30 кг охридска белвица и крап.

Од Државниотинспекторат за земјоделство – Охрид ги информираат сите угостителски објекти и рибарници, како и сите чинители кои се овластени да вршат промет на риба дека е неопходно да се почитува Законот за рибарство и аквакултура во делот на поседување на неопходни придружни документи, кои документи за потекло ја следат секоја пратка на риба наменета за промет, како и тоа да се почитува Правилникот за квалитет, големина, тежина и начин на декларирање на рибата наменета за промет.

OhridNews