Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Напад на овластено службено лице при вршење работи од безбедноста“ полициската станица од Струга, против 24 годишно лице поднесе кривична пријава. Пријавата е поднесена и против 30 годишно лице и уште едно 51 годишно лице за постоење на основи на сомнение за сторено казнено дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“. Во врска со постоење основи на сомнение за извршено казнено дело „Лажно пријавување кривично дело“ со истата пријава опфатено уште едно 26 годишно лице. Сите пријавени се од Струшкото село Октиси. На првите тројца, истражен судија при основниот суд во Струга им одреди мерка притвор во траење од 10 дена.
Тие, на 13-ти овој месец во кругот на полициската станица во Струга започнале вербална расправија со омаловажување и закани кон еден полициски службеник. Притоа едно од лицата со рацете го фатил полицискиот службеник за врат додека друг со двете раце физички го нападнал тргајќи го во пределот на градите. Истовремено едно од лицата го држел полицискиот службеник за раце оневозможувајќи му да презема службени дејствија за одбивање на нападот. Во моментот, реагирале двајца други полициски службеници кои ги спречиле пријавените во нападот врз полицискиот службеник.
Претходно еден од пријавените билповикан во полициската станица заради лажно пријавување казнено дело кражба. Тој, незадоволен од извршената поправка на неговиот моторцикл на улицата „Кузман Јосифоски Питу“ во Струга пријавил кражба на моторциклот и започнал вербална расправија со сервисерот по што во сервисот пристигнале останатите тројца пријавени. Тука настанала жестока караница која не прераснала во меѓусебна тепачка благодарение на навремената интервенција на полициските службеници, соопшти СВР Охрид.