Препишани ставки кои се повторуваат од година во година, „смешно“ ниски износи на средства кои се издвојуваат за образованието, е она што можеше да се слушне во дел од дискусиите на советниците од опозицијата на денешната седница на советот, на која долга расправа се разви за развојната програма за активностите на општина Охрид во областа на образованието за периодот 2017 – 2019 година.

– Ништо не напреднало, годините минуваат, а гледаме исти ставки и активности, пресликани од година во година.Се изгубила само по некоја ставка.Образовен процес кој се планира 4 години, а имаме случаи на училишта каде покривот се распаѓа, или пак не може да се постави една ограда и секој може да влезе и излезе, во училниците се стари масите и столчињата, се нишаат бироата на кои наставниците запишуваат часови, стари дограми..Засега не може да се зборува за развој, туку за задоволување на основните потреби, односно преживување. За квалитетно образование треба и квалитетни услови за настава, рече советничката од СДСМ, Оливија Пирузева Јанева.
    
Според советникот Јован Стојаноски, најтрагично е тоа што општината за реконструкции, санации и поправки на девет основни училишта планира да издвои вкупно 300.000 денари, а министерството за образование 860.000 денари, како што вели Стојаноски, износи кои воопшто не се за пофалба.

На ваквите критики одговори секретарот на општината, Димитар Спасески, кој ги оцена како апсолутно неточни и паушално искажани.

– Од програмата може да се види дека многу инвестиции се преземени во рамки на образовните институции. Инвестирано е во повеќе училишта, се вложуваат средства за одвивање на нормални текови и услови за настава, директорите од сопствени средства реализираат многу проекти и активности подобрувајќи ги условите за настава, се доделуваат стипендии на талентирани ученици, се финансира продолжен престој, се финансира превозот на наставниците. Најважно од се е што се враќаат и исплаќаат долговите на училиштата кои во 2013 ги наследивме со долгови. Со средства од локалната самоуправа минатата година инвестиравме над 40 милиони денари за подобрување на процесот на финансиската состојба на училиштата, а годинава според оваа програма се околу 53 милиони денари за образовните институции во Охрид, рече Спасески.

Критики беа упатени и кон останатите точки на дневен ред, меѓу кои и развојната програма за детска заштита за 2017 – 2019 година, програмата за социјална заштита и програмата за културни манифестации и творештво за 2017 година.

– Во оваа програма јас видов само три или четири нови работи, останатите се оние кои биле и претходно, но сега се намалени вредностите на ставките.Има и работи кои се за пофалба како што се издвоените средства за „Охридско лето“, но во културата треба да се вложува исто како и во образованието, рече советничката Жаклина Лазареска.

Градоначалникот Никола Бакрачески потенцира дека вратата на локалната самоуправа била широко отворена за сите издржани барања кои нудат конкретни проекти и решенија за подобрување на животот во Охрид, за развој на локалната економија и туризмот и дека им се излегло во пресрет на сите кои сакале да придонесат за подобрување на животот во Охрид.

Советниците очекувано,  со спротивни ставови и околу носењето на буџетот за 2017.

– Кога зборуваме за буџетот, ова е место за реално констатирање на финансиската состојба на општина Охрид, а тоа е дека без оглед на годините кои ни претходеа, општина Охрид е во сериозна финансиска кондиција, неликвидност и нема да дозволам дискутирање, ветување, праќање на розови пораки од оваа говорница интимно поздравувајќи се со 2016-та година, рече советникот од ЛДП, Дејан Блажески.

Координаторот на советничката група од СДСМ, Јован Стојаноски, повтори дека буџетот што се носи е само доказ за безидејност на актуелната локална самоуправа и не нуди ништо ново што би придонело кон развој на општината.

– Граѓаните во 2017 не може да очекуваат никаков развоен буџет. Сведоци сте на дискусии во кои сакавме да обрнеме внимание, но не со преголема жестина како други години, затоа што ете следат локални избори и СДСМ ќе излезе со своја програма за тие избори и ќе го ревидира и редефинира овој буџет кој општината го носи и претходните и оваа година, рече Стојаноски.

Според градоначаникот Бакрачески буџетот за 2017 овозможува задоволување на потребите на градот за капитални инвестиции и секојдневното живеење.

– Овозможува во исто време она што ние веќе подолго време наназад го правиме, сите овие четири години, еден вид на баланс помеѓу сервисирањата на огромните долгови на општина Охрид, кои ние ги наследивме и во исто време резервирање на одредени финансиски средства за задоволување на потребите на градот за капитални инвестиции за развој на градот и сите сегменти кои го сочинуваат живеењето во градот, рече градоначалникот.

На денешната 66-та седница, советниците расправаа и за програмите за работа на јавните претпријатија за 2017, како и за исплатата на долгот на ОУ„Григор Прличев“ Охрид кон ЕВН Македонија за потрошена електрична енергија.

Т.К.