Расфрлано ѓубре, градежен шут, тешко разградлив отпад, оштетен контејнер и запалена трска се само дел од сликите на западната страна од калето, кои веќе подолг временски период сведочат за ниската еколошка свест кај поединци.
Жителите од старото охридско јадро, но и оние кои секојдневно поминуваат од оваа локација, уште поодамна реагираат за овој „срам“ во „туристичката Мека“ на Балканот. Според нив, воопшто не се води грижа во овој дел на градот.
„Во суштина, овие грди слики се наоѓаат на самиот брег од езерото, во централното подрачје. Едноставно, еднаш засекогаш мора да се пресече и да се води поголема грижа во овој дел на градот. Недозволиво е кој стигне, тука да го растовари градежниот шут. Па дали воопшто постојат закони кои ќе не заштитат од ова „лудило“ кое е карактеристично за некои трети земји.“ – вели револтирано жител од стар град, кој секојдневно поминува оттука.
На самото крајбрежје во овој дел на градот, освен наносите кои ги носи езерото, можат да се забележат и различни пластични пакувања од детергенти, обувки, шишиња и големи количини цврст отпад.
„Па нели е срамота за екологија да зборуваме во 21-виот век. Сакам да ги запрашам јавно, дали оние кои го фрлаат ѓубрето и сметот, било тука, било во самото езеро, имаат трошка свест, култура и воопшто совест. Ова воопшто не доликува на еден град заштитен од УНЕСКО. Жива среќа што оттука не поминуваат туристи, па овие слики да им ги пренесат на нивните пријатели и роднини и да раскажат за искуството кои го имале. Да раскажат за нашиот однос кон езерото.“ – реагираат охриѓани.
Дека езерото од ден на ден ја губи битката со човекот, говори фактот дека во изминатиов период е запалена и уништена дел од трската која се наоѓа на западната страна од калето.
„Трската која ја има на источната и западната страна, се јавува на оние места каде што самата ќе почувствува дека има доволно количина на храна. Развивајќи се, таа едновремено врши прочистување на самото езеро. Од тој аспект, треба што помалку да се уништува трската како еден микробиотоп и дом на многу различни животински и растителни видови.“ – истакна неоддамна д-р Здравко Крстаноски, долгогодишен научник од Хидробиолошкиот завод.
Научната јавност постојано реагира и на децениските проблеми, кои го загрозуваат автохтониот животински и растителен свет во езерото, потенцирајќи го некоректниот однос на поединци и воопшто човекот, кон најголемиот природен басен со питка вода во земјава.
O.T.