Салата „Борис Трајковски“ во Скопје вечерва беше исполнета со близу 7000 навивачи, направен беше и кафез со соодветно обезбедување за најавените навивачи од Грција, но Алкалоид и АЕК не го започнаа реванш натпреварот од ЕХФ Купот. Причина за тоа, неофицијално, биле наводно сериозни закани кои ги добил претседателот на АЕК од навивачите кои побарале клубот да не го одигра реваншот со македонскиот претставник.
Четириесеттина минути траеше неизвесноста дали натпреварот помеѓу Алкалоид и АЕК ќе се игра или не. Според коментаторите на МРТВ која требаше да врши пренос од мечот, играчите на АЕК сакале да играат, но претседателот на клубот наредил да се повлечат од теренот поради заканите кои ги добил.
Коментаторот на грчката национална телевизија, пак, информира дека раководството на АЕК бара одложување на натпреварот со Алкалоид, поради неприсуството на невините навивачи во СЦ „Борис Трајковски“, јави МИА.
Засега нема официјална информација од ЕХФ каква ќе биде судбината на овој натпревар, а одлуката за тоа најверојатно ќе биде донесена во вторник. Сите очекуваа ракометен празник во Скопје, но спортот повторно е поразен од крајно неспортски фактори.
За потсетување, Алкалоид во Атина го совлада АЕК во првиот финален натпревар и се очекуваше вечерва да биде крунисан победникот во ЕХФ Европскиот куп кој наместо спортски спектакл, заврши со спортски дебакл за што најмалку вина има македонскиот претставник во ова натпреварување.
Г.М.