Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Македонија  и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, на трилатералниот состанок што денеска се одржа во Нови Сад, Република Србија, усвоија заедничка декларација за сроведувањето на четирите темелни слободи на ЕУ. Декларација, всушност се толкува како иницијатива за воведување мини Шенген помеѓу земјите од Западен Балкан, кои, очигледно уште долго ќе останат пред вратите на Европската унија.

Тие ги повикаа лидерите на сите шест земји од регионот на Западниот Балкан да им се придружат во овој потфат.

ЕУ е клучниот двигател на трансформацијата на целиот Регион, особено од изнесувањето на ветувањата за проширување. До постигнувањето на членство во ЕУ, на самиот Регион му треба итен поттик за раст. Следствено, лидерите на земјите од Западниот Балкан треба суштински да се ангажираат за да се употреби сè уште неискористениот потенцијал за развој на Балканот. Потребен е поактивен и креативен приод кон размената на стоки и капитал, движењето на луѓето и прекуграничната соработка, интегрирање на услугите и работната сила. – истакна премиерот Заев.

Лидерите на земјите од Регионот мораат да ја преземат нивната одговорност за насочување на иднината на Регионот и да воведат политики чија цел е да се обезбеди слободно движење на луѓето и капиталот. Ова е од централно значење не само заради постигнување на повисок степен на  интеграција во самиот регион, туку и за поттикнување на вкупниот развој на целиот Регион на Западниот Балкан. Процесот на европска интеграција се одвива преку процесот на регионална соработка, сметаат лидерите на Србија, Македонија и Албанија.

Сите шест земји од Регионот на Западниот Балкан настојуваат да се зачленат во Европската унија. Сепак остануваат големите структурни јазови меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан. БДП со пазарни цени во 28-те Држави – членки на ЕУ е повеќе од 10 пати поголем од оној во шесте земји во Западниот Балкан, кој во 2018 г. изнесуваше околу 108 милијарди евра, а стапката на невработеност во ЕУ истата година е скоро три пати пониска отколку во шесте земји од Регионот на Западниот Балкан. Ова покажува дека лидерите на земјите од Регионот на Западниот Балкан се соочуваат со итната потреба да се справат со структурната неурамнотеженост, која на долгорочна основа може лесно да стане пречка за зачленување во ЕУ. Покрај тоа, отворените прашања  меѓу самите шест земји од Регионот на Западниот Балкан се пречка за економскиот развој и го намалуваат квалитетот на животот на граѓаните. – рече премиерот Заев.

Целосното и слободно движење на стоките, услугите, капиталот и работната сила во целиот регион е најдобриот начин вака мал регион да постигне раст во глобализирана економија, којашто постојано се менува, истакнаа потписниците на декларацијата. Како прв чекор во овој правец, тие се залагаат за отстранување на граничните контроли и други пречки за слободното движење во Регионот што е можно поскоро, а не подоцна од 2021 година. Тоа значи дека граѓаните ќе може да патуваат во целиот регион со важечка лична карта. Ќе може да работат во која било земја од гегионот, штом ќе се стекнат со квалификации во една од земјите од регионот.  Меѓусебно ќе се признаваат дипломи и ќе се интензивира соработката во борба против транснационалниот организиран криминал, а земјите ќе си помагаат во справувањето со итни состојби, како што се природните катастрофи.

Во декларацијата се поканети и останатите лидери во Западен Балкан да им се придружат на првиот нареден состанок на 10 ноември во Охрид.

OhridNews
фото: влада.мк