Со кампања „Дојдете дома“, Охрид ќе го освојува туристичкиот пазар во Србија, од каде во изминатите години доаѓаат најголемиот број гости на охридската ривиера. На покана на локалната самоуправа во Охрид деновиве престојуваат педесетина претставници на поголемите електронски и печатени медиуми од Србија, како и на значајни туристички агенции, со цел да се запознаат со охридската туристичка понуда за претојната летна туристичка сезона, како и да остварат контакти со хотелските и туристичките работници од градот.

Секоја туристичка дестинација има своја автентичност, овде е пребогата бисерна нишка од културно наследство , од римско време, средниот век се до некои современи туристички објекти. Охридското Езеро е бисер не само на овој дел на Балканот, Охрид е метреопола на македонскиот туризам, а гостите од Србија овде се чувствуваат како дома, токму затоа и кампањата е наречена „Дојдете дома“.-истакна Мишо Вујовиќ, уредник на списанието „Национална ревија“.



Според него цените на охридската туристичка понуда се коректни, но потсетува на агресивната кампања со која настапуваат земјите од регионот кои нудат евтини аранжамани.

– Иако цената е важна, луѓето сакаат да патуваат онаму каде се чувствуваат комотно. Охрид има свои предности и доколку истите тие се спакуваат во еден пакет со поволна цена, сигурно дека и годинава Србите ќе бидат најбројни гости на охридската ривиера, рече Вујовиќ.


Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески очекува дека туристичките работници од градот ќе го следат примерот на земјите од регионот, односно ќе ги корегираат цените.

 – Не може ноќевање со појадок во Грција или Турција да чини 20 евра, а во Охрид тоа да се наплатува 30, 40 или 50 евра. Очекувам дека и нашите туристички работници ќе ги намалат цените, изјави Петрески, нагласувајќи ја тука и потребата од поголеми вложувања во инфраструктурата, пред се во автопатско поврзување на Охрид со Скопје и дислоцирање на регионалниот пат од кон Свети Наум, истакна Петрески.

Тој е убеден дека Охрид и ова лето ќе биде посакувана дестинација за српските туристи кои исклучително ги ценат вредностите на Балканскиот Ерусалим.

-Она што туристите можат да го доживеат во Охрид нема да го доживеат никаде на друго место. Секое место си има свои предности, меѓутоа како ретко каде во Охрид туристите можат да уживаат и во плажниот туризам, во културниот и во верскиот туризам и да уживаат во ноќниот живот. Толку елементи заедно на едно место нема да најдете никаде на друго место, нагласи Петрески.


Гостите од Србија ќе остварат средби со македонските туристички работници, ќе ги разгледаат културно – историските знаменитости на градот, а предвидена е и презентација на национални специјалитети и вина. Впечатоците од посетата на Охрид ќе бидат презентирани во специјализирани емисии и текстови на највлијателните медими од Србија, како и во конкретни туристички аранжмани кои ќе се нудат за претстојната летна сезона

OhridNews