Претседателот на здружението, Радован Димитриески, го обвини раководството на Хидробиолошкиот завод Охрид за неодговорно менаџирање, посочуајќи дека надлежните институции не смеат да го премолчат, како што вели „гревот што научната установа го прави врз охридската пастрмка и другите видови риби“.
–Од оние кои имаат вработени околу дваесет доктори на наука и неможат да ја спасат охридската пастрмка во сопствениот двор, ни најмалку неможеме да очекуваме дека ќе го спасат рибниот фонд во Охридското Езеро од уништување. Изумрената риба ќе се носи по хотелите или во охридскиот затвор. Затворениците се привелигирани последниот период и се хранат со охридска пастрмка. Но прашањето до старо новиот директор на Хидробиолошки Завод е кој така брзо утврди дека изумрената риба не е штетна по здравјето на луѓето, и зошто се носи остатокот од пастрмката во рибници во с.Луково кога има рибници и мрестилишта за охридска пастрмка во близина на Охрид и Струга? – изјави Димитриески.
Како што веќе информиравме, вчера, околу 150 тригодишни пастрмки од мрестилиштето на Хидробиолошкиот институт угинаа поради недостаток на свежа вода.
-Причина за угинувањето на пастрмките е ниското ниво на подземни води, односно сушата поради што дошло до прекин во дотурот на свежа вода во мрестилиштето. Правиме напор со стручните лица од МЈП „Проаква“ да се изнајде решение, односно да се обезбеди непречено снабдување на мрестилиштето со свежа вода за во иднина да не се случуваат вакви инциденти, информираа од Хидробиолошкиот завод од Охрид.
Оттаму посочуваат дека угинатите пастрмки претставуваат околу 15 проценти од вкупната рибна популација во мрестилиштето, додека преостаната риба е спасена.