Македонската одбојкарска репрезентација за прв пат ќе учествува на Европско првенство откако вечерва со 3-0 ја победи Унгарија, а претходно во полза ни одеа сите резултати од другите мечеви кои ни беа потребни.

Историски успех за македонската одбојка, нашата репрезентација се пласираше на континенталниот собир кој за прв пат ќе биде со 24 селекции.

На почетокот од денешниот ден шансите на Македонија за пласман на Европското првенство не беа големи, но мечевите кои не зависеа од нас завршија како што посакувавме. Шведска го победи Азербејџан, а Летонија славеше над Израел па остана ние да си ја завршиме работата.

Македонските одбојкари беа на висина на задачата победија со убедливи 3-0 и се пласиравме на Европското првенство како една од петте најдобри второпласирани селекции во групата.

Првиот сет го добивме со 25:21, во вториот триумфиравме со 25:20 и третиот со 25:21 по што можеше да почне големата и заслужена радост на нашите момци.

OhridNews